Маричиќ: С. Македонија не се откажува од ЕУ и покрај предолгото чекање

од Nikola Popovski
186 прегледи

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ  во рамки на посетата на Тирана се сретна со заменик претседателот на Владата на Албанија, Арбен Ахметај, со министерка за надворешни работи Олта Џачка и Зеф Мази, главниот преговарач за пристапување на Албанија во ЕУ.

Како што соопшти СЕП, на средбите со високите државни претставници, уште еднаш беше потврден ставот дека двете држави не се откажуваат од ЕУ и покрај предолгото чекање, како и важноста Европската Унија да го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија и Албанија.

-Двете пријателски земји имаме заеднички пат кон членство во европското семејство, пат на кој покажавме зрелост и за регионално интегрирање и соработка која се потврдува низ активностите преземени со иницијативата Отворен Балкан. Време е да се валоризира она што досега го постигнавме во делот на реформите, и на Северна Македонија и Албанија да им се даде датум за почнување на преговорите со Унијата, потенцираше вицепремиерот Маричиќ на средбите со неговиот колега Ахметај и шефицата на дипломатијата, Џачка.

На средбата со Мази, главниот преговарач за пристапување на Албанија во ЕУ, соговорниците се согласија дека фокусот во претстојниот период на двете држави ќе биде ставен да се обезбеди целосна подготвеност на државната администрација за процесот на пристапни преговори, која ќе може да одговори на новата методологија. Беше отворено и прашањето за ревитализација на Договорот за соработка за евроинтеграција од 2012 година, како и можноста за организирање на првиот состанок на Мешовитиот комитет, предвиден со Договорот за соработка.

Маричиќ се сретна и со новиот германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој ја пренесе пораката дека нашиот партнер, Сојузна Република Германија, продолжува да ги поддржува земјите од Западен Балкан во напорите да станат членки на Европската Унија, што е особено важно за регионот во време кога се соочува со предизвици, стои во соопштението од СЕП.

Слични содржини