Сирени од минатиот век: Доколку Скопје го очекува опасност, можно е да не се вклучи „алармот“

од Vladimir Zorba
510 прегледи

Звукот на сирените кои одекнуваат во Украина, како аларм дека е време за заштита од гранати или ракети, го отвори прашањето за тоа колку нашиот системот за предупредување е во функција да даде знак доколку се појави некоја опасност.

Во Скопје сирените се монтирани пред 1980 година и се поставени на неколку локации утврдени преку изработена акустична студија со која било предвидено да се покријат сите населени места.

-По формирањето на Центарот за управување со кризи во 2005 година, целокупната опремата и сирените за тревожење со која располагаше Министерството за одбрана се преземени во надлежност на Центарот. Системите за тревожење во РМ се концепирани и поставени уште во седумдесетите и осумдесетите години на минатиот век, велат за „Локално“ од Центарот за управување со кризи.

Со оглед на тоа дека сирените за предупредување се од минатиот век, од ЦУК велат дека многу е веројатно доколку на Скопје му се случи некоја поголема опасност, истите да не се вклучат.

– Сирени за предупредување во градот Скопје и државата има околу 80% покриеност, но според податоци кои ги добивме од нашите Регионални центри, на територијата на нашата држава имало поставено околу 200 сирени, но многу е веројатно дека доколку на градот му се случува некоја поголема опасност истите нема да бидат вклучени, бидејќи дел се во неисправна состојба, исклучени од електрично напојување, оштетени од временски непогоди, дел се остранети од местата на кои биле поставени заради човечка негрижа, а со оглед дека има голема градежна експанзија каде бројот на жители енормно се зголемува и постојните сирени не се доволни да навремено го известат населението за можни ризици и опасности, појаснуваат од ЦУК.

Од Центарот додаваат дека со оглед на состојбата на терен, потребно е да се постават поголем број на системи за известување и тревожење во градовите и поголемите населени места, посочувајќи дека системите за далечинското управување со сирените не се во согласност со новите комуникациски технологии и со тоа е спречена функционалноста на самите сирени, освен со поединечно вклучување на конкретна сирена.

-Итно е потребно воспоставување на современ систем за тревожење на територијата на РСМ со можност на активирање на било која сирена во државата од една централна позиција, далечинско праќање на препораки и соопштенија за постапување. Воспоставување на современ единствен систем за тревожење на територијата на државата ќе овозможи доверлив и безбеден начин на тревожење на населението, поголема безбедност во спасување на животи и материјални добра.Секоја година согласно Годишната програма на ЦУК до Владата се доставува Информација за Системите за тревожење и предлози за модернизација и набавки на нови сирени за далечинско управување и командување , согласно стандардите на ЕУ и НАТО. Подобрување на ефикасноста во навременото и брзо известување на населението за настанати опасности од поголем обем кои може да нанесат и предизвикаат поголеми последици и штети, а со цел навремено извлекување и евакуирање на населението и згрижување на материјално-техничките средства. Брзо и ефикасно доставување препораки за постапување по далечински пат, преку електронски сирени, објаснуваат од Центарот за управување со кризи.

ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ

Во Законот за управување со кризи генерално е регулирана темата за употреба на сирените за известување, алармирање и препораките за населението, но покрај сирените за трвожење за известување на населението се користат и сите радиои телевизии, дневни весници, електронски медиуми и оператори на јавните електронски комуникациски мрежи и услуги, со соопштенија и известувања како и со телефонски повици, говорни соопштенија или испраќање на пораки, мејлови и др. алтернативни начини.

OПАСНОСТИ КОИ ГО ВКЛУЧУВААТ ЗВУКОТ НА СИРЕНАТА

Со знаците за тревожење се врши предупредување на населението за негова заштита и постапување во случаи кога се загрозени животот и безбедноста на населението и материјалните добра и при опасност од:

– појава од воздушна опасност во случај кога Република Македонија е загрозена од можен напад и бомбардирање од воздух од друга држава или непријател;

– појава и настанување на радиолошко-хемиско-биолошка опасност, нуклеарен удар или техничко – технолошки катастрофи во производни претпријатија, магацини или други капацитети;

– настанување на голем пожар во објекти (урбани пожари) или на отворен простор;

– настанување на поплава предизвикана од различни причини;

– настанување на големи временски непогоди и невреме со обилни дождови, олуја, лизгање на земјиште или одрони на земјиште, снежни лавини и наноси или други непогоди со кои се загрозува животот и безбедноста на населението и материјалните добра.

ВИДОВИ ЗВУЦИ ЗА ОПАСНОСТ

Според видот сирените се делат на пневматски и електронски сирени .Знак за воздушна опасност се емитува со вклучување на сирените од системите за тревожење со непрекинат завивачки тон во траење од 60 (шеесет) секунди. Знак за радиолошко-хемиско-биолошка опасност се емитува со вклучување на сирените од системите за тревожење во траење од 90 (деведесет) секунди, со три завивачки тона по 20 (дваесет) секунди и две паузи помеѓу тоновите по 15 (петнаесет) секунди.Знак за опасност од елементарни – природни непогоди и други несреќи се емитува со вклучување на сирените од системите за тревожење во траење од 60 (шеесет) секунди, во комбинација на два еднолични тона по 20 (дваесет) секунди и еден завивачки тон од 20 (дваесет) секунди помеѓу првиот и вториот едноличен тон.

Знак за престанок на опасноста се емитува при престанок на ризикот и опасноста со вклучување на сирените од системите за тревожење со едноличен тон во траење од 60 секунди.

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ПРЕКУ МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ЗА УКРАИНЦИТЕ

Граѓаните на главниот град на Украина, преку мобилни апликации добиваат известување за тоа кога над градот има воздушен напад.

Фотографиите кои ги добивме од жител на Киев детлано ни покажуваат кога треба да се влезе во најблиското скривалиште и кога е безбедно да се излезе.

„Означениот дел со црвено поточно во 7:33 часот е аларм за опасност од воздушен напад што значи веднаш тргнувајте до најблиското скривалиште, зеленото светло 8:28 е престанок на алармот за опасност од воздушен напад што означува дека треба да се следат понатамошните известувања“, стои во објаснувањето кое пристигна до нашата редакција.

Б.М.

Слични содржини