Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше и се обрати на конференцијата „Да кажеме СТОП на исселувањето на младите“ во организација на Институтот за социјална демократија – Прогрес и тинк-тенк фонданцијата за социјална демократија Калеви Сорса.
Министерот Спасовски на панелот Глобален тренд – Национален предизвик во своето обраќање истакна дека исселувањето на младите од матичната држава по својата суштина, посебно во овие специфични или кризни времиња, заслужува највисок општествен и институционален приоритет.
„Поради фактот според кој младите генерации се природни наследници, природен легат кој треба да го понесе товарот на континуитетот на егзистирањето на која било заедница. Притоа, таквото прашање целосно задира, и секако, зависи од квалитетот на речиси сите сегменти на општественото живеење: социјален, културен, економски, правен, безбедносен “, потенцираше Спасовски.
Спасовски истакна дека повеќе од јасно е дека пред системот, пред институциите, пред носителите на одлуки се исправува нов и специфичен предизвик што наметнува неопходно барање на соодветен и ефикасен одговор на проблемското прашање: како да се задржат и мотивираат младите да го најдат своето место под сонцето. Односно, како тие да се етаблираат во реален, објективен фактор на општествениот опстој и напредок.
„ Од тие причини, од аспект на политиките на Владата, важен акцент е ставен токму врз мерки со кои ќе се подобрат студентскиот живот и стандард, а младите ќе дојдат полесно до прво вработување. Наша приоритетна цел е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина. Во претходниот мандат започнавме со програмата „Младинска гаранција“, а при креирањето на Владините мерки за поддршка на стопанството и граѓаните во услови на вонредна состојба предизвикана од ширењето на вирусот КОВИД-19 воведовме три типа на парична поддршка за младите во Северна Македонија преку платежни картички и ваучери, вредна 12 милиони евра, со цел нивно полесно прилагодување на новата реалност, преку одржување на нивото на ученичкиот и студентскиот стандард, како и на куповната моќ.“ ги акцентираше Спасовски досегашните политики кои Владата ги проектираше за задржување на младите дома.
Тој потенцираше дека во новата Програма на Владата 2022-2024, младите се опфатени преку таргетирани политики со кои се овозможува нивна извесна и сигурна иднина. Така, предвидена е поддршка за секое вработено лице до 29 години кое ќе се вработи за првпат, за сите кои не сѐ уште не развиле вештини за вработување да го сторат тоа преку пракса, предвиден е поврат на персонален данок на доход за сите нововработени млади под 30 години, предвидена е поддршка во отварањето на младинските центри и локалните младински совети, со цел вклучување на младите во процесите на донесување на одлуки и зголемување на капацитетите на младите луѓе, политики за младите лекари, поддршка за младите земјоделци и дигитализација на сите нивоа.
„ Од аспект на Министерството за внатрешни работи, пак, би сакал да посочам дека во изминативе неколку години успеавме преку приемот на речиси 2.300 млади до 25-годишна возраст, драстично да ја поместиме старосната структура во корист на помладите генерации, поместувајќи ја границата во старосното структуирање до речиси 50 проценти на вработени до 40-годишна возраст“, ги потенцираше можностите и шансите кои ги дава МВР на младите и професионални кадри во периодот од 2017 до денеска министерот Спасовски.