Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска побара од Европската унија (ЕУ) да ги рестартира „пристапните преговори“, пред самитот на лидерите на ЕУ во Брисел посветен на руската инвазија на Украина.
„Очекуваме ЕУ брзо да ги отвори поглавјата од пристапните преговори и да ги започне преговорите за царинската унија без да се предаде на цинични калкулации“, рече Ердоган во Анкара на крајот од средбата со холандскиот премиер Марк Руте.
Изјавата на турскиот претседател доаѓа во време кога војната во Украина и дозволува на Анкара да се врати на меѓународната сцена поради напорите да посредува во решавањето на кризата.
Преговорите за можното пристапување на Турција во ЕУ, кои започнаа во 2005 година, беа во застој во последните години поради понекогаш интензивните тензии на Турција со Брисел на неколку фронтови.
Европската комисија на крајот на 2020 година оцени дека шансите за членство на Анкара се „закочени“ поради одлуките што се спротивни на интересите на ЕУ донесени од нејзините лидери.
„Турција продолжи да се дистанцира од Европската унија, со сериозно назадување во областа на владеењето и основните права“, соопшти тогаш Европската комисија.
Сојузникот на Украина и членка на НАТО, Турција се обидува да го олесни посредувањето меѓу Москва и Киев од почетокот на кризата во Украина, но одби да се приклучи на западните санкции против Русија.