„Јувентус уништи доверливи документи, договорот со Роналдо не е пронајден“

од Nikola Popovski
449 прегледи

Истрагата за потенцијалната финансиска измама на фудбалскиот клуб Јувентус продолжува, а обвинителството во Торино смета дека клубот уништил доверливи документи, меѓу кои и приватен договор со Кристијано Роналдо, кој не е пронајден, објавија италијанските медиуми.

Италијанската полиција во средата претреси бројни канцеларии и претставништва низ земјата, како дел од истрагата за можна финансиска измама против Јувентус. Според „Газета дело Спорт“, истражителите се концентрирани на договорите што раководството на клубот ги постигна со играчите за намалување на платите во март 2020 година, по суспензијата на Серија А поради пандемијата на корона вирусот.

„Економските и финансиските ефекти од постигнатиот договор се позитивни за околу 90 милиони евра за финансиската 2019/2020. Договорот предвидува намалување на месечните исплати за март, април, мај и јуни 2020 година“, соопштија тогаш од Јувентус.

Одлуката предизвикала позитивен финансиски ефект од околу 90 милиони евра, но обвинителството во Торино смета дека фудбалерите на Јувентус добиле најмалку 60 милиони евра преку приватни договори со клубот, кои не биле пријавени.

Меѓу документите запленети во седиштето на клубот, истражителите пронајдоа „неколку приватни записи на различни начини за финансиските години 2019/2020 и 2020/2021, кои не биле депонирани кај властите“.

Истражителите сметаат дека фудбалерите на Јувентус не се откажале од платите, туку дека исплатите им биле одложени. Некои од овие договори се најдоа во мејловите на клубот и би овозможиле исплата на плата дури и во случај на трансфер.

Според извештајот, истражителите укажале на „навиката да се чуваат некои од доверливите документи надвор од седиштето на клубот, уништувајќи ги кога ќе се исполнат договорите“. Меѓу нив може да биде и приватен договор со Кристијано Роналдо, кој беше спомнат во телефонскиот разговор меѓу челниците на клубот, но истражителите не го пронајдоа.

Слични содржини