Најавата на рускиот претседател дека земјите кои воведоа санкции кон Москва, испорачаниот гас ќе го плаќаат во рубљи, според академик Абдулменаф Беџети е очекуван потег со кој тешко ќе се остварат целите на Русија а тоа е да ја намали вредноста на доларот и да се возврати на санкциите од Европа.
Мотивите на Путин се повеќе економски отколку политички, вели за „Локално“ Беџети, но тоа според него значи “пукање во своја нога”.
-По вртоглавото паѓање на вредноста на рубљата, Путин очекува дека со зголемување на побарувачката за рубљи, ќе ја врати јачината на националната парична единица, нешто кое не може да се случи на краток рок. Второ, од многу одамна е интенцијата и желбата да се исфрли од употреба и да се намали зависноста од американскиот долар, нешто што не успевале да го направат дури ни заедно со Кина, а тешко ќе успеат само со овој административно-политички потег. Американскиот долар има вредност затоа што економските агенти, вклучувајќи ги тука и руските, веруваат во неговата стабилност а не поради нивна желба, објаснува Беџети.
Плаќањето на испорачаниот гас во рубљи нема да предизвика големи потреси во европската економија но сепак вели Беџети, ќе има краткорочно влијание.
-Поради влошените економските односи меѓу Русија и Европа, веќе страда снабдувањето со примарните стоки и репроматеријали и се затвораат и многу капацитети особено од автомобилската индустрија но целта на Путин е смета беџети да дојде до раздор и неединство.Со најголемата европска економија ( Германија) трговскиот биланс на Русија е дефицитарен за скоро 40%(извезува околу 20 милијадри долари а увезува околу 33 милијарди долари). Со вакви мерки Путин сака да внесе неединство и раздор помеѓу САД и Европа, но пред се со Германија.Свесни се дека и тие губат затоа и задоцнија со контрамерки, речиси три недели по европските мерки кон Русија, вели тој.
Најавите од Германија дека е можно суспендирање на планираното затворање на електраните на јаглен за да се намали зависноста од рускиот гас, е логична последица во ситуација кога нема нови капацитети за производство на електрична енергија.
-Определбите од Конференцијата во Глазгов беа многу амбициозни и заради промените на енергетската структура и заради еколошките причини кои беа нереални затоа што се додека не се создаваат нови капацитети за замена на овие извори, не ќе може да се затвораат постојните, особено кога се нарушува ланецот на постојните нарачки. За нас ( Р.Северна Македонија) и не станува збор дека ќе треба да ги преиспитуваме сите можни ресурси се додека не најдеме подобри или поеколошки ресурси за енергија.Едно се желбите а друго се можностите и реалноста.Излезот е во итни интервенции во енергетиката по сите основи, почнувајќи од приватни инвестиции кај семејствата и компаниите, па се до јавното приватно партнерство и чисто јавните инвестиции, вели академик Беџети.
К.В.С.