Граѓаните наскоро ќе може да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија.
Првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Беслимоски во изјава за „Локално“ појаснува дека со измените во Правилникот за обновливи извори кои треба да се донесат ќе се овозможи домаќинствата и индустриите да можат да инсталираат фотонапонски електроцентрали со поголема моќност и со тоа да се зголеми интересот за реализација на овој тип на инвестиции.
-Во последните неколку години евидентен е интересот за фотонапонски електроцентрали, односно од 2019 до сега има 140 нови ФЕЦ со вкупен капацитет од 35,3 MW. Или подетално по години: во 2019 година има 35 нови ФЕЦ со инсталиран капацитет од 5,8 MW, додека во 2020 година имало нови 29 ФЕЦ со инсталиран капацитет од 7 MW, во 2021 година имало нови 48 ФЕЦ со инсталиран капацитет од 14 MW и заклучно од почетокот на 2022 година па досега РКЕ има издадено 28 лиценци за производство на ЕЕ од ФЕЦ со инсталиран капацитет од 8,5 MW. Практично, во првото тримесечје од годинава имаме 30% од вкупниот капацитет во последните три години, што е потврда за големиот интерес.Од друга страна, инсталирањето на нови фотонапонски електроцентрали кај домаќинствата, освен што ќе им овозможи користење на сончевата енергија за сопствени потреби, дополнително вишокот на електрична енергија ќе можат да го продаваат на ЕВН Хоме, објаснува тој.
Беслимоски појаснува дека овој систем на производство за сопствени потреби на електрична енергија, ќе влијае директно и ќе го намали притисокот на домашниот производител ЕСМ кој ќе може произведената енергија која е наменета само за домаќинствата, да ја книжи како вишок и да остварува дополнителни приходи од продажба на електрична енергија на слободниот пазар.
-Главната придобивка за домаќинствата е тоа што оваа енергија произведена од фотонапонски електроцентрали ќе можат да ја користат во текот на денот кога енергијата е најскапа, а додека во текот на ноќта, кога има евтина тарифа, домаќинствата ќе користат енергија од системот (ЕВН Хоме), вели првиот човек на Регулаторна.
Премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена информираше дека веќе се работи на обезбедување на либерализиран пристап за да може секое домаќинство во државата да инсталира фотоволтаични системи.
Покрај тоа, тој додаде, со правилникот за поврзување, кој е во подготовка, ќе се овозможи дистрибутерите на електрична енергија да ја преземаат произведената електрична енергија од домаќинствата по цена по која дистрибутерот ја презема од државниот производител на електрична енергија.
-Третата промена е да може електричната енергија на најлесен можен начин да се разменува за што веќе се подготвува подзаконски акт во Министерството за финансии со кој ќе биде овозможено воведување на даночен застапник, по примерот на западно европските држава, за да може откупувачот на електричната енергија да издаде фактура за домаќинствата, бидејќи тие не се даночни обврзници, и со тоа да се овозможи размена на електрична енергија и соодветно третирање на ДДВ, појасни Ковачевски.
Б.М.