Османи: Две години членство во НАТО е историски успех за С. Македонија

од Nikola Popovski
211 прегледи

Две години членство во НАТО е историски успех за Северна Македонија и силна гаранција за нашата безбедност, стабилност и просперитет, објави шефот на дипломатијата, Бујар Османи на својот Фејсбук профил рано утрово.

Според него, денес, одбележуваме две години од членството на Северна Македонија во НАТО, што е наше најголемо надворешно – политичко достигнување и најзначајна политичка верификација на нашата државност.

-Нашето знаме се вее заедно со другите 29 знамиња на НАТО – сојузниците, сведочејќи за единството и солидарноста меѓу партнерските земји во овие времиња на безбедносни предизвици со кои се соочуваме.

Станавме посилно интегрирани во евро-атлантската заедница, како сојузници со најголемите и најсилни држави, најсозреани и најстабилни демократии со кои споделуваме заеднички вредности. Застанавме рамо до рамо со најмоќните држави во светот и рамноправно придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и светот, потенцира Османи.

Министерот додава дека во актуелните околности, најважно е да имаме вистински пријатели и сојузници со кои заеднички ќе ги обликуваме значајните одлуки и ќе придонесуваме за нашата заедничка безбедност.

-Заедно и обединети стоиме 30 земји сојузници со еднаква определба за одбраната на мирот, безбедноста, слободата и демократските вредности, заклучи Османи.