Ковачевски: Да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите стандарди на цивилизираниот свет

од Nikola Popovski
209 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш ја повтори важноста за земјава што веќе две години е полноправна членка на НАТО.

-Во овие неизвесни времиња, кога целиот свет се грижи иднината и безбедноста, Северна Македонија е дел од најмоќниот воено политички сојуз кој го гарантира нашиот територијателен интегритет и сигурност, напиша Ковачевски по повод 27. март две години од членството на С. Македонија во воената алијанса.

Според него, пред две години ја поставивме една од стратешките цели поставени уште од осамостојувањето на државата.

-Членството во алијансата е многу повеќе од гарантирана безбедност и заштита на нашите граѓани. Да се биде дел од НАТО значи исполнување на сите стандарди на цивилизираниот свет, како заштита на човековите права, солидарност меѓу народите и унапредување на демократијата, појаснува Ковачевски и додава:

-Како членка на НАТО ќе продолжиме активно да учествуваме во сите активности на Алијансата и да го градиме сојузништвото со нашите партнери. Оваа определба значи долгорочен развој за нашата земја и сигурна иднина за нашите деца, заклучува премиерот.

На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата.

На 21 јануари 2019 година, Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија упати писмо до Генералниот Секретар на НАТО во кое беше изразена подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на земјата во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон НАТО.

На 06 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји – членки на НАТО, во присуство на Генералниот секретар на НАТО и Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата.

По свечената церемонија во Брисел, започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на сите 29 земји членки на Алијансата. Процедурата за ратификација на Пристапниот протокол беше финализирана на 19 март 2020 година, кога Aмбасадорот на Кралството Шпанија во Вашингтон, го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.

Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Северна Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северно-атлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Претседателот на Републиката.

Слични содржини