Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го обвини актуелниот претседател Џо Бајден дека го уништил „американскиот сон“ за нешто повеќе од една година додека раководел со Белата куќа.
Говорејќи на митингот на неговите приврзаници наречен „Спасете ја Америка“ во Џорџија, Трамп изрази огорченост кон администрацијата на Бајден поради украинската криза, високата инфлација и остриот пораст на цените на горивото.
„Можете да ги земете и споите петте најлоши претседатели во американската историја, тие не направија толку голема штета како што направи Бајден за само 15 месеци. Тој успеа буквално да го убие американскиот сон за нешто повеќе од една година“, рече Трамп.
Трамп ги повика Американците да не губат надеж, бидејќи Америка со вистинското лидерство ќе се врати поголема, посилна и помоќна од кога било.
Поранешниот 45-ти американски претседател го обвини Бајден дека ја засрамил нацијата, со понижувачко предавање во Авганистан и висока инфлација, највисока во последните 40 години.
Трамп „вперил прст“ кон Бајден и поради зголемените цени на бензинот, кои според него се највисоки во историјата, како и поради доцнењето на прашањето за миграцијата и руската инвазија на Украина.
Според него, границите на САД се „целосно урнати, а крволочните криминалци ги ограбуваат градовите управувани од демократите“.
Тој нагласи дека повеќе смртни случаи поврзани со Ковид-19 се регистрирани во 2021 година отколку во 2020 година и дека Бајден, „токму кога се мислело дека работите не можат да бидат полоши“, не успеал да ја одврати Русија од војната во Украина.
Трамп тврди дека украинската криза никогаш немаше не би се случила доколку тој сега би бил претседател на САД и дека Америка моментално има лидер кој „нема поим што се случува, ниту каде се наоѓа“, и дека со лажни вести се обидува да се каже дека на Бајден му оди „одлично“.