„Стелт“ варијантата на омикрон доминантна во Македонија

од Берта Китинска
720 прегледи

Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 21 до 27 март покажува намалување на бројот на заразени и хоспитализирани од ковид-19.

Тестирани се вкупно 16 074 материјали, а регистрирани сe 1 696 нови позитивни случаи, што е за 7,5% помалку во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движи од 4,0% до 14,3%, или просечно 10 отсто.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.032; 60,8%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 224,2/100.000 и Скопје – 162,7/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лица над 60 години, а најмал бројот кај возрасната група од 0-9 години.

Со статус „оздравени“ се стекнале 1 738 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 1,7% помалку во споредба со претходната недела. Пријавени се 268 реинфекции, со намалување од 13,3%.

Евидентирани се 17 смртни случаи, што е за 13,3% повеќе во однос на претходната недела (n=15). Најголем дел од нив се од Скопје (8). Во однос на возраста, 16 починати се над 60 години, а еден од возрасната група од 50-59 години.

Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ, во текот на изминатата недела, е изведен PCR тестот базиран на Single Nucleotide polymorphism со користење на Vir SNiP SARS CoV 2 Spike S371L S373P за детекција на SARS CoV-2 кај 95 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите.

Во 5 (5,3%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на омикрон. Во 90 (94,7%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на омикрон – позната уште и како „стелт“.

Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 82 лица или 24,8% помалку во споредба со претходна недела, од кои 33 се на кислородна поддршка, а еден на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Заклучно со 24 март, вакцинирани се вкупно 872 652 лица со барем една доза на вакцина против ковид во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се 852 855, а со трета доза 152 109 лица.

Слични содржини