Сите министри, замениците на министрите и другите носители на извршни функции именувани од Владата на Република Северна Македонија се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, чија цел е јакнење на интегритетот на Владата и јакнење на довербата на граѓаните во институциите, велат од Владата за „Локално“, како одговор на прашањето дали министерот за правда Никола Тупанчески доставил отчет за патувањето на фудбалскиот натпревар на репрезентацијата во Палермо.
Од таму додаваат дека Владата го следи случајот со Тупанчевски и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување.
ДКСК ги повика Владата, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да испитаат дали има прекршување на етичките кодекси откако обвинителката Фатиме Фетаи, Тупанчевски и судијата Нанев наводно на сметка на ФФМ летаа до Палермо и го гледале натпреварот Македонија – Италија.
Во Етичкиот кодекс на Владата (член 17) пишува:
„Носителите на извршните функции при вршењето функции и должности не можат да примаат подароци, освен во случаите во износ и на начин утврдени со Закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост.Носителите на извршни функции не смеат да бараат, примаат односно да дозволат друго лице во нивно име и за нивна корист да дава или прима подарок, услуга или каква било друга вредност, помош или друга корист во врска со вршењето на функцијата, односно должноста, а која би можела да има влијание или на кој било начин да ги стави во несоодветна подреденост или обврска“.
Тупанчевски рече и дека ниедна законска ни етичка норма не е прекршена со неговото патување во Италија на фудбалски натпревар. Тој вели дека Владата има етички кодекс во кој меѓу другото се дефинираат патувања на службените лица.
Влезниците за ложата и авионскиот превоз се на сметка на Фудбалската федерација на Македонија.