СДСМ: Арсовска да пренамени 670.000 евра за партиски вработувања за бесплатни летувања на деца

од Nikola Popovski
277 прегледи

Додека Данела Арсовска ќе потроши 670.000 евра за стотици партиски вработувања во Градот, десетици дечиња од социјално загрозени семејства оваа година нема да имаат можност бесплатно да летуваат, изјави Рената Јајоска, советничка во Советот на Град Скопје, благодарејќи на Здружението за хумано – општествен развој Проект Среќа и финансиската поддршка од Град Скопје, со кои стотици деца во изминатите години имаа можност бесплатно да летуваат и да се дружат на летниот камп.

Според Јајоска, ова е уште една причина Арсовска да се откаже од парите за партиски вработувања и да ги пренасочи во благородни идеи и проекти кои значат помош на граѓаните.

-Арсовска исто како и другите градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не работи во интерес на граѓаните, туку се грижи единствено за личните и партиски интереси, потенцира Јајоска.

Од Град Скопје одговорија на ваквите обвинувања, соопштувајќи дека градот Скопје има намален број на вработувања по заминувањето на поранешното градско раководство на чело со Петре Шилегов, додека пак СДСМ само во предизборните месеци вработиле речиси 100 административци во Град Скопје.

-Матрицата на лаги и невистини се уште е дел од секојдневното излегување на СДСМ во јавноста, иако граѓаните одамна ги прочитаа неработењето и расипничкото трошење на народни пари и токму поради тоа промените започнаа токму од Град Скопје. Додека СДСМ неосновано напаѓа и лаже, граѓаните имаат шанса секојдневно да сведочат на макотрпната работа и реализацијата на проекти кои се од огромна важност за скопјани.

Градот Скопје почна да се менува и модернизира, ниту една лага и невистина на СДСМ нема да им помогнат да го оцрнат она кое што секојдневно се работи за доброто на градот и граѓаните, соопштија од тимот на Арсовска.

Слични содржини