Покрај тоа што со „Закон за енергетика“, „Мрежни правила и Правила за снабдување“ е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на Електродистрибуција тоа го прават секој месец, велат од ЕВН во изјава за „Локално“ откако Народниот правобранител, Насер Зибери упати критики дека граѓаните поднесуваат приговори кај него бидејќи добиваат високи сметки за струја која не ја потрошиле и дека многу често плаќаат аванс.
-Но, се случува броилото да не се отчитува поради различни причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), поради спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, поради непристапност до мерното место, лоши временски услови, боледувања на отчитувачи, изолација поради корона вирусот итн.Доколку се случи да не е прочитано броилото, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да пријави состојби преку веб страната evnonline.mk, преку маил, телефонски и во приемните канцеларии на Корисничките енерго центри на Електродистрибуција при што нашите служби ќе ги направат соодветните корекции. Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија, појаснуваат од ЕВН.
Оттаму додаваат дека фактурата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец, појаснувајќи дека повисоката сметка од очекуваната може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба.
-За која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено. ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено. Доколку поради горенаведените причини не било возможно отчитување на броилото, со наредното отчитување ќе се порамни потрошувачката во зависност од тоа дали корисникот потрошил повеќе или помалку од последната состојба, објаснуваат од компанијата.
Омбудсманот на презентацијата на Годишниот извештај истакна Регулативата која се однесува во делот на обврската за отчитувањето на броилата треба да се измени.
-Сегашните прописи велат дека тие се отчитуваат еднаш годишно, што според Народниот правобранител ги создава најголемите проблеми за кои се обраќаат граѓаните – нереално високите фактури. Имено, чести се случаите граѓаните еден месец да платат високи сметки, кои следниот месец им се намалуваат, но овој принцип создава ситуација кога тие на некој начин авансно си ја плаќаат потрошената електрична енергија, кажа Зибери.