Опозицијата реагира на предлозите за амбасадори: Дипломатската служба се доживува како монета

од Берта Китинска
199 прегледи

На листата скандалозни одлуки за именувања на кои веќе се наоѓаат ТВ презентерката, синот на аналитичарот, колоритниот транзициски лик Фрчкоски, вечниот функционер Жерновски, сега се придодаваат и испраќањето на Теута Арифи, Виктор Димовски и Зоран Попов. Ова покажува дека дипломатската служба се доживува како монета за поткусурување на меѓупартиски дилови, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Теута Арифи како предлог за амбасадор во ЕУ е многу навредливо и за Европската Унија и за граѓаните во Македонија. Ликот кој се покажа како исклучително неспособен градоначалник, кој остави зад себе урбан и еколошки хаос, кој ја заглави општината во долгови, кој одделувал милиони денари преку 800 сомнителни договори за вработувања, оваа влада го предлага да ја застапува Македонија и граѓаните пред ЕУ. Не помалку скандалозна е и одлуката за именување на Зоран Попов за амбасадор во САД и Виктор Димовски за амбасадор во Франција. И двајцата освен партиско – политички функции немаат никаква заслуга за Македонија, ниту пак капацитет, за да бидат назначувани на вакви значајни позиции“, се вели во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму сметаат дека СДСМ ги погазува професионалците во дипломатија и за жал создава скандал дипломатија, која ја срами Македонија кај што ќе стигне.