Снабдувањето со гас на земјава е обезбедено до 15 април, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Министерот појасни дека по овој датум не би имало проблеми во делот на испорачување на топлинската и електричната енергија доколку Руската Федерација побара да се плаќа природниот гас во рубљи од страна на „непријателските држави” иако рубљата кај нас ја нема во курсната листа, бидејќи како што вели тој сите други алтернативни ресурси на природен гас со кои ќе се снабдува Бугарија, ќе може и Македонија да ги користи.
„Секоја одлука што ќе ја носат членките на НАТО заеднички, ние ќе ја почитуваме. Секако дека се прилагодуваме и на санкциите на Европска Унија, имајќи предвид дека сакаме целосно да се интегрираме во Европската Унија. На таков начин, со одредени механизми и нивни и наши сопствени како држава, мислам дека нема да има толку големо влијание имајќи предвид дека ќе најдеме алтернативи, за што сум убеден. Тоа веќе се работи. Таков е новиот интерконектор со Република Грција, нашето директно учество во терминалот во Александропулос, секако и нов интерконектор со Република Бугарија, а Република Бугарија е членка на Европската Унија. Нашиот гасовод е со нив и во случај ако се донесе таква одлука сите други алтернативи ресурси на природен гас со кои ќе се снабдува република Бугарија ќе можеме и ние да ги користиме поради тоа што резервацијата на Гаспром за нашиот гасовод не би требало да важи како што донесе Европската Унија да не важи за Грција меѓу Република Бугарија. Тоа е наше барање директно кон Европската Унија и секако дека таква одлука треба да се донесе“, рече министерот Бектеши.
Бектеши рече дека утринава разговарал и со гувернерката на Народната банка и дека уште нема насока од Европската централна банка бидејќи во нашата курсна листа ја нема рубљата како валута и не може да се прават такви трансакции.
Во однос на лиценцата на БЕГ и дали таа ќе биде одземена по потфрлањето на оваа компанија во екот на грејната сезона, Бектеши рече дека тоа не е надлежност на Министерствто за економија, но доколку по завршување на договорот меѓу ЕСМ и БЕГ, не се исполнуваат условите, тогаш сигурно ќе се постапи според законските прописи.