Луј ван Гал боледува од рак на простата

од Vladimir Zorba
380 прегледи

Селекторот на холандската фудбалска репрезентација Луј ван Гал потврди дека му е дијагностициран рак на простата.

Седумдесетгодишниот трофеен тренер ја откри веста за време на гостувањето во холандското ТВ шоу „Хумберто“ во неделата навечер.

– Во сите периоди кога бев селектор на репрезентацијата морав да одам во болница навечер, без засега играчите да дознаат. Додека мислев дека сум здрав. Но… јас не сум. Не сакав тоа да им го кажам на моите играчи бидејќи тоа можеше да влијае на нивните перформанси – изјави Ван Гал.

Поранешниот тренер на Ајакс, Барселона, АЗ Алкмар, Баерн и Манчестер Јунајтед потоа објасни дека тоа е „агресивна“ форма на рак на простата и дека досега има поминато 25 третмани во борбата против болеста.

Ван Гал по трет пат е селектор на Холандија откако во претходниот мандат стигна до третото место на СП 2014 година.

Легендарниот тренер го замени Франк де Бур по разочарувачкиот резултат во квалификациите за ЕП 2020 година и и помогна на својата земја да се пласира на Светското првенство во Катар оваа година.

Холандија на Мундијалот ќе биде во групата А со селекциите на Катар, Еквадор и Сенегал.

Слични содржини