Ковачевски: Гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници, вредностите на НАТО и ЕУ се и наши вредности

од Берта Китинска
148 прегледи

Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот во која граѓаните имаат сигурна иднина, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел.

На Денот на НАТО, Ковачевски рече дека гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и заедно градиме просперитетно, мирно и слободно општество – вредностите на НАТО и ЕУ и вредности на граѓаните на Северна Македонија – Ние сме НАТО.

Ковачевски, исто така, порача дека ни се потребни предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ, бидејќи прашањето на проширувањето, веќе е и геостратешко и безбеносно прашање и дека евро-интегратвните процеси треба да започнат без ден одлагање и Северна Македонија да има кристално јасна перспектива во ЕУ.

– Процесот на интеграција во НАТО Алијансата беше долг, но сега во криза гледаме колку значи да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз. Продолжуваме мотивирано и одлучно кон остварување на втората наша стратешка цел – членство во ЕУ. Ја имаме целосната поддршка од САД и нашите европски партнери и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори со еу, изјави Ковачевски.

Северна Македонија, порача Ковачевски целосно ја усогласи својата надворешна политика со политиките на НАТО и ЕУ, ги донесовме сите одлуки заедно со сојузниците, и ја оценивме руската воена агресија во Украина како неиспровоцирана и неоправдана и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

– Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно запирање на воената агресија, а преземањето на активности за економска изолација на русија ќе овозможи деескалација на воените активности, изјави Ковачевски.

Северна Македонија, рече тој, е одлучна да придонесе во справувањето со овие ризици преку заеднички пристап и соработка со нашите НАТО партнери и со институциите и агенциите на ЕУ.