Марковска: Многу лесно и ние може да станеме „безбедносен проблем“ на Европа доколку не се реши нашиот прием во ЕУ

од Берта Китинска
291 прегледи

Пред речиси 4 години Македонија го потпиша Преспанскиот договор , правејќи најголем компромис на туѓо барање односно промена на своето уставно име со географска одредница Северна. Веројатно ова е единствен пример во светската историја , кога сами си го менувате името за ветување за комплетна интеграција во НАТО и ЕУ.За жал , паралелно со Преспанскиот договор не потпишавме некаков нов договор со кој тоа што ни беше декларативно ветено ќе биде до крај доследно испочитувано, вели во разговор за „Локално“, поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

Таа вели дека и по две години по приемот во НАТО покрај тоа што немаме никаков конкретен датум за полноправно членство имаме нови барања за отстапки во име на „добрососедски односи”.

-Станавме членка на НАТО сојузот, но нашата ЕУ интеграција останува само вербално признание или “добра волја ” како што неодамна истакна г- динот Борел во име на ЕУ , меѓутоа без никаков конкретен датум.Така две години после приемот на НАТО ние заради корона кризата немаме никаков инвестициски бум ( каков што вообичаено имаа сите земји) непосредно по изгласувањето на оваа одлука за полноправно членство во сите собранија на НАТО членките конечно сме земја со променето име, без никаков конкретен датум за полноправно членство, со уште нови барања за отстапки во име на ” добрососедските односи” и реално соочени со голем евроскептицизам, појаснува таа.

Поранешната пратеничка вели дека во моментов сме во една лимбо состојба во која нашиот политички врв постојано повторува “немаме друга алтернатива освен ЕУ“ додавајќи дека со оваа теза се создава статус на луѓе десперадоси во сопствената земја.

-Македонија не можеше особено не во овој период да биде фактор на стабилност , токму поради тоа што за сосед го има Косово со меѓународен спорен статус и ја има Србија со неутрален статус.Токму поради тоа ЕУ интеграцијата е и безбедносен проблем бидејќи при една нова геополитика , која во моментов се најавува како контура, кај нас како што вели нашиот народ “не отпиша Истокот, не не запишува Западот“ , сме во една лимбо состојба во која нашиот политички врв постојано повторува “немаме друга алтернатива освен ЕУ“. Создава статус на луѓе десперадоси во сопствената земја.Меѓутоа историјата вели дека кога една врата се затвора , секогаш се отвора друга , така да секакви преструктуирања се можни. Ова особено е важно за целиот Балкан кој географски припаѓа на Европа, ама како “љубовта” да е еднострана, појаснува Марковска.

Војна на европско тло во 21 век е навистина лоша работа, смета таа додавајќи дека сите војни повторно ќе завршат на зелена преговарачка маса, а во овие ситуации најмогу страдаат бегалците и цивилните жртви.

-Не очекувам дека судирот ќе се прелее во Балтичките држави, бидејќи некои се членки на НАТО. Иако не е непознато дека во минатото имаше војна меѓу НАТО членки (Грција, Турција) мислам дека, Советот за безбедност и сите структури на Обединетите Нации , многу потфрлија на овој план. Тие треба да бидат медијатори за потпишување на примирје, а не да биде тоа оставено на индивидуални иницијативи , кои сепак и покрај добрата желба , немаат организиран пристап.Мирот е тешка и света работа , да не зборуваме за човечките животи кои се од непроценливо значење , штетата од материјални добра за цела Европа се исто така големи и влијаат на продлабочување на економската криза која се надоврза на корона кризата.Сите на европскиот континент ќе бидеме посиромашни граѓани и со понизок стандард, вели Марковска.

Според неа решавањето на статусот на Украина е сериозно прашање кое ги засега не само Русија и Украина , туку и многу европски држави.

-Не смеат да се направат преседани на ниедна страна, бидејќи поводи за такви војни може секаде да се најдете меѓу други европски држави затоа клучна е Повелбата на Обединетите Нации и почитување на сите Резолуции без никаква селективност и двојни аршини .Таков пристап е гаранција за мир, вели таа.

Поранешната пратеничка децидно вели дека “нашиот приклучок” кон НАТО значително влијаел да се зголеми буџетот на АРМ и да се подобри статусот на нашите професионални војници.

-Се разбира дека ние сме сиромашна земја со помал воен буџет и така треба да биде додека стандардот на сите граѓаните е се уште доста лош , меѓутоа работите се придвижуваат на подобро, а се разбира тука имаме помош и од земјите членки.Токму тоа и ни е потребно во пристапот кон ЕУ.Зошто не може од нас да се бара да како земја кандидат се придржуваме рамноправно со земјите членки на Унијата во санкции кон Русија, а нашата економија да “тоне” и да губиме пазар на нашите земјоделски производи, а да немаме помош за тоа од ЕУ фондовите.Тоа е политика на лицемерие во која се вели бидете со нас во обврските , а ние ќе размислиме и имаме само “добра волја ” за прием. Веќе премногу долго сме во ” чекалната ” на ЕУ , за да безусловно веруваме во ова, можеби политичарите да , ама граѓаните се голема доза на евроскептицизам, појаснува таа.

Според Марковска многу лесно и ние може да станеме „безбедносен проблем“ на Европа доколку не се реши нашиот прием во ЕУ.

-Оваа долга здравствена , па енергетска сега веќе и воена криза за нас е веќе исцрпувачка. Се разбира дека многу лесно и ние може да станеме “безбедносен проблем” на Европа и доколку нашиот прием во полноправно членство во ЕУ не се реши така како што ни беше ветено ( се разбира не со некое придружно, асоцијативно членство) или пак само со заеднички европски пазар , лошо ќе влијае не само за нас туку и на самата Унија која од перспективна политичка заедница ќе се претвори во екомска заедница каква што и беше на почетокот од нејзиното формирање, вели таа.

Б.М.