Од СДСМ информираат дека додека градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска троши 670.000 евра за партиски вработувања, во ЈП „Лајка“ вработените со месеци немаат земено плата. Според владеачката партија, поради лошото менаџирање нема соодветни набавки на храна и медицински материјал и под знак прашање е доведено функционирањето на Лајка.
-ЈП Лајка, кое е клучно за хуман третман и згрижување на бездомните кучиња, заживеа во време на градоначалникот од СДСМ Петре Шилегов, со нов концепт и систем на работа во нов, модерен стационар по сите светски стандарди.
Поради недомаќинско работење и лошо менаџирање од Арсовска, за само неколку месеци се заканува враќање на старите проблеми со Вардариште, нехуман третман и повторно зголемување на уличните кучиња во градот, додаваат од партијата.