Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Филипе Донкел, нерезидентен амбасадор на Големото војводство Луксембург за земјава, придружуван од Петар Арсовски, почесен конзул на Луксембург во нашата држава.
На состанокот се потврдени добрите пријателски односи на Северна Македонија со Луксембург и заедничката определба за унапредување на соработката на сите нивоа.
Воедно е пренесен и поздрав до премиерот Ковачевски од премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел и целосна поддршка на евроинтеграциите на Република Северна Македонија.
Оценето е дека нашата држава во пракса применува европски вредности, што го покажа и со имплементацијата на политиките на линија на Европската Унија, на коишто се постави во однос на ситуацијата во Украина.
Исто така се смета дека државава има направено голем напредок во реформските процеси за кратко време, што се почитува и поради што, како што е соопштено, продолжува силната поддршка за скорешно отворање на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ.
При тоа, заеднички е констатирано дека почетокот на преговорите на Северна Македонија и на Албанија со Европската Унија е во функција на стабилноста на Западен Балкан и дека сега е моментот за тоа.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата поддршка од Луксембург и за искреното пријателство со Северна Македонија кое што се интензивира.
„Владата е посветена кон потребите на граѓаните и предизвиците по војната во Украина. Северна Македонија се постави стопроцентно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ во однос на војната во Украина и со тоа на вистинската страна на историјата. Разговорите со бугарскиот премиер Петков се водат на принципиелно ниво. Во голем дел го хармонизиравме домашното законодавство со европското. Тоа сега треба да се валоризира од ЕУ, бидејќи е значајно и за регионот и за ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата се разговараше и за можностите за унапредување на економската соработка со Луксембург, при што премиерот Ковачевски посочи на предностите за инвестирање во земјава.
Претседателот на Владата, Ковачевски, упати покана до премиерот на Луксембург, Бетел, за официјална посета на Република Северна Македонија.