Роналд Куман се враќа на функцијата селектор на Холандија на 1 јануари 2023 година. Веста официјално ја потврди фудбалската федерација на земјата. Куман ја напушти функцијата во 2020 година за да ја преземе Барселона, а на негово место дојде Франк Де Бур. Вториот потоа беше заменет од Луис ван Гал по завршувањето на Европското првенство минатата година.
Пред два дена, пак, поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед ја објави крајно непријатната вест дека боледува од агресивен облик на рак на простата. Ван Гал ќе го води тимот на завршницата на Светското првенство на крајот на годината, но потоа ќе се пензионира. Веќе е јасно дека од 1 јануари 2023 година неговото место ќе го заземе Куман.
Поранешниот тренер на Барселона треба да ги предводи „лалињата“ на Европското првенство во 2024 година, како и на СП 2026. Барем таков е планот, бидејќи неговиот договор е дотогаш.
„Пред нешто повеќе од година и половина сигурно не ја напуштив холандската репрезентација поради одредено незадоволство. Мојот престој беше добар, резултатите беа добри и моите односи со играчите беа добри. Наскоро ќе продолжиме по овој пат“, рече Куман.