Австриската фудбалска федерација официјално ги демантираше гласините дека на почетокот на неделава директорот на организацијата, Петер Шетел одлетал во Манчестер на средба со привремениот менаџер на „црвените ѓаволи“ Ралф Рангник.
Според шпекулациите, газдите на австрискиот фудбал имале план да го поканат Рангник да стане нов селектор. Местото е испразнето откако Франко Фода поднесе оставка по поразот од Велс во полуфиналниот плеј-оф дуел за пласман на Светското првенство 2022 година во Катар.
Австриската фудбалска федерација излезе со кратко официјално соопштение во кое се наведува дека немало таква средба меѓу Шетел и Рангник.
Во меѓувреме, „Дејли Мејл“ откри интересен детал за обврските на Рангник по летото, на кој тој повеќе нема да биде менаџер. Како што е познато, Германецот има договор со клубот на уште две години во кои ќе има консултантска улога.
Според изданието, за целиот овој период Рангник ќе работи само 144 дена вкупно или само шест дена во месецот.