Европската унија му даде 35 милијарди евра на Владимир Путин за снабдување со енергија од почетокот на неговата војна во Украина и една милијарда евра за финансирање на одбраната на Украина, изјави Жозеп Борел, пренесува „Гардијан“.
Тој ја направи споредбата во говорот пред Европскиот парламент, повикувајќи ја Европа да испрати повеќе оружје во Украина за да и помогне да стави крај на војната што ја започна Русија.
– Мора да продолжиме да ја вооружуваме Украина. Ни треба помалку аплауз и поголема помош. Европската унија вети дека ќе даде една милијарда евра воена помош за Украина, што може да изгледа многу, но ние секојдневно му плаќаме на Путин по една милијарда евра за енергијата што ни ја дава. Од почетокот на војната му дадовме 35 милијарди евра. Споредете го тоа со милијарда евра што Украина ги доби за оружје, рече Борел.
Во моментов ЕУ разговара за петтиот бран санкции против Русија, кои треба да вклучуваат забрана за увоз на јаглен во вредност од четири милијарди евра.
Полска и балтичките земји веруваат дека забраната за увоз на енергија треба да биде насочена кон многу попрофитабилен руски извоз на нафта и гас, но се соочија со отпор од Германија, Австрија и Унгарија. ЕУ увезува 41 отсто од гасот и 27 отсто од нафтата од Русија, но тие бројки се многу повисоки во некои земји-членки.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која наскоро треба да отпатува за Киев со Борел, вети дека овие нови санкции нема да бидат последни.
– Сега треба да се фокусираме на нафтата и приходот што Русија го добива од фосилните горива. Претставниците на ЕУ ќе ја проучат естонската идеја дека плаќањата за рускиот гас би се вршеле на зачувана сметка, односно преку рацете на трето лице, со цел да се ограничат приходите на Русија, која ја финансира оваа војна со овие пари, рече Урсула фон дер Лајен.
-Енергетската автономија на Европа зависи од обновливите извори на енергија, а ЕУ за жал стана зависна од фосилните горива што ги добива од репресивните режими кои владеат во близина на нејзините граници, рече Борел.