УПОЗ: Протестот ќе биде помасовен од очекуваното, ни се приклучуваат и вработени кои не се синдикални членови

од Nikola Popovski
617 прегледи

Синдикатот на УПОЗ ги прави последните организациони подготовки за протестот. Над 6000 вработени во министерствата, агенции, фондови, управи и судови, денеска и утре од 10.00 до 12.00 часот ќе ги исклучат компјутерите и ќе ги остават пенкалата во знак на незадоволство бидејќи голем дел од вработените во управата и правосудството не ја добиле зголемената минимална плата за месец март. И последниот обид да се постигне договор, пропаднал вчера кога претставниците од синдикатот на УПОЗ биле на разговор во Министерството за администрација и информатичко општество.

-Нема најави дека нешто ќе се придвижи во позитивна насока.Тие ги знаат нашите барања, согласни се со нив, но мора да се донесе поширока одлука на Влада.Не се работи за никаков штрајк, туку за прекин на работниот процес во времетраење од два часа во сите институции каде има синдикална организација.Вработените не се согласуваат со случувањата во моментов, со висината на платите и со неисплата на минималната плата.Се надевам дека Владата ќе го слушне гласот на вработените и во најбрз можен рок ќе седнеме и ќе најдеме решение, вели за „Локално“, претседателот на УПОЗ Трпе Деановски.

Непосредно пред почетокот на протестот, синдикатот добил неколку барања за приклучување  и на вработени кои не се членови на некоја синдикална организација како и барања за формирање на синдикати таму каде што досега ги немало. Како ќе постапува синдикатот доколку протестот не вроди со плод допрва ќе се одлучува.

-За евентуално радикализирање на протестот ќе сеодлучува понатаму. Протестот е предупредувачки, да видат дека администрацијата е тука, дека долг временски период никој не мислел на овие вработени.Во јавниот сектор досега имаат добиено зголемување на платите, но администрацијата нема добиено ништо.Ако не седнеме на маса да се договориме, сигурно ќе имаме изливи на незадоволство и на други начини, дециден е Деановски.  

Според Деановски над 90% од институциите исплаќаат плата пониска од минималната, други не знаат како да постапат и не ја пресметуваат, а трети во пресметките направиле грешки со кратење на работниот стаж. Синдикатот на УПОЗ бара  сите вработени да добијат линеарно усогласување на платите од 2806 денари и исплата на минимална плата на сите останати вработени во државната управа, во администрацијата и правосудните органи.

К.В.С.

 

Слични содржини