Леклер славеше во Австралија, Верстапен повторно без бодови

од Vladimir Zorba
342 прегледи

Формула 1 се врати во Австралија по 2019 година, и тоа на голема врата. За три дена на трибините присуствувале рекордни 419 илјади гледачи, како никогаш досега на еден спортски настан на најмалиот континент.

Во тркачка атмосфера славеше неверојатниот Шарл Леклер во Ферари, кој доминираше од првиот до последниот круг. Втор беше Серхио Перез со Ред Бул, додека последното место на подиумот го зазеде Џорџ Расел со Мерцедес.

Луис Хамилтон возеше добро, но мораше да се задоволи само со четвртата позиција, зад клупскиот колега Расел, кој во Мелбурн покажа дека не сака да биде само втор возач во тимот.

Леклер на стартот направи голема предност пред светскиот шампион Макс Верстапен кој не успеа да го загрози. Хамилтон се проби од петтата на третата позиција, но брзо мораше да се повлече пред агресивниот Перез.

Што се однесува до Верстапен, тој мораше да се откаже во 39-от круг откако од боксот му кажаа дека има проблем со болидот.

– Фрустриран сум и ова е неприфатливо. Ако се борите за титулата, како јас, ова не смее да се случи. Недозволиво е – лут беше Верстапен.

Карлос Саинц имаше разочарувачка трка со Ферари. Шпанецот се обиде да вози на тврди гуми, но се сврте во вториот круг и не можеше да продолжи.

Леклер му ја донесе на Ферари 240. победа во Формула 1 шампионатот, а лидерот освои дополнителен бод во Австралија за најбрз круг.

– Имавме совршен викенд. Се обидовме се да зависи од нас и се исплатеше. Да, победата беше убедлива. но не беше лесно. „Safety Car“ излегуваше често и морав да го контролирам темпото. Сè на сè, многу сум задоволен, но ова е едвај трета трка. Го направивме само првиот чекор – изјави Леклер.

Ландо Норис (Мекларен) заврши на петтото место, а бодови освоија и неговиот клубски колега Даниел Рикардо, Естебан Окон (Алипн), Валтери Ботас (Алфа Ромео), Пјер Гасли (Алфа Таури) и Алекс Албон (Вилијамс).

Леклер ја зголеми предноста во првенството и сега има 71 бод. Втор е Расел со 37 поени, Саинц има 33 … Хамилтон е петти со 28 поени, три повеќе од Верстапен.

Следната трка се вози на патеката Имола, на 24 април.

Слични содржини