„Вработените во образованието мора да го добијат заслуженото покачување на платите согласно Колективниот договор. ВМРО-ДПМНЕ го поддржува штрајкот за повисоки плати и бара од власта да направи нивелирање на коефициентите на сложеност на работните места според растот на минималната плата“, велат утрово од Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, Синдикатот има целосно право да го изрази своето право на револт и да бара реализација за правата на работниците кои треба да им следуваат.
Власта наместо да врши притисоци врз синдикатите и работниците, додаваат, треба да ги исполни ветувањата за повисоки плати.
„Додека власта носи розеви наочари дека сите живеат убаво, во реалноста протестираат вработените во градинките, основните и средните училишта, државните службеници, матичните лекари, вработените во пошта, а наскоро ќе штрајкуваат сите, практично штрајкуваат сите работници во Македонија“, истакнуваат, меѓу другото, од партијата на Мицкоски.