Светската автомобилска федерација (ФИА) покрена истрага против 15-годишниот Русин Артем Северијухин, кој извел нацистички поздрав на подиумот по трката од Европскиот шампионат во картинг во Португалија.
Младиот Русин триумфираше на првата трка сезонава во неделата, каде што настапи под италијанско знаме поради суспензијата на неговата земја по инвазијата на Украина.
Неговиот тим Word Racing реши веднаш да го раскине договорот. Шведскиот тим преку соопштение остро го осуди однесувањето на Северијухин.
„Word Racing е длабоко засрамен од однесувањето на возачот. Однесувањето на Артем Северијухин за време на прогласувањето на победникот на 10 април е негово индивидуално и на кој било начин не ги претставува ставовите и вредностите на Word Racing. Напротив, Word Racing ја поддржува меѓународната јавност, која ја осудува руската инвазија на Украина и изразува солидарност со луѓето кои страдаат поради тие напади. Тимот не гледа можност за продолжување на соработката со Артем Северијухин и ќе го раскине договорот“, се наведува во соопштението.
Владејачкото тело на светскиот автомобилизам веднаш покрена истрага за однесувањето на рускиот возач, кое го окарактеризира како „неприфатливо“.