Картинг трка за затвореници во француски затвор предизвика бес во јавноста (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Управникот на „Френес“, вториот по големина затвор во Франција, призна дека направил „грешка во проценката“ откако во тој казнено-поправен дом се одржала картинг трка за затвореници.

Сликите од затвореници кои се тркаат во „Френес“ предизвикаа бура во француската политика, а министерството за правда беше повикано да објасни зошто идејата е одобрена.

Трката во картинг беше дел од дневните активности во вториот по големина затвор во Франција, базирана на авантуристичка телевизиска реалити емисија наречена „Кох-Ланта“. Тој ден беше организирано и пливање, влечење јаже и патека со пречки.

„Да знаев дека ќе има натпревар во картинг, ќе воведев многу јасна забрана“, рече министерот за правда Ерик Дупонд-Морети, кој нареди истрага откако организаторите на настанот објавија видео од настанот на интернет минатата недела.

Десничарските политичари беа огорчени.

„Нашите затвори не се кампови за одмор каде што затворениците и чуварите стануваат пријатели“, рече францускиот политичар Ерик Чиоти од Републиканската партија.

„Каде е почитта за жртвите и нивните семејства кои гледаат како овие криминалци се забавуваат додека ја отслужуваат казната? Каде е стравот од казна?“, праша Чиоти.

Се покажа дека двајца затвореници кои учествувале во дел од активностите издржуваат казна за убиство и силување.

Откако се беше познато, организаторите на настанот го отстранија видеото од Јутјуб.

Џибрил Драме, организатор од градот Френес, рече дека на затворот му било јасно дадено до знаење дека никој не може да учествува на настанот доколку извршил насилен чин.

Во извештајот на девет страници објавен од министерството за правда се вели дека одделот ја дал дозволата без детали за картингот или употребата на базенот.

Дупон-Морети рече дека сето тоа е замисла на организаторот и менаџер на „Френс“, Џими Делист, кој сакал „момент на братска посветеност“ за затворениците, персоналот и локалните жители.

Министерот за правда рече дека го одобрува настанот во духот на рехабилитација на затворениците, но оти смета дека картингот е премногу.

Тој рече дека ќе постави нови граници за настаните за рехабилитација во затворите.

Француските медиуми објавија дека „Френс“ и претходно бил домаќин на спортски и културни настани, вклучително и концерт со Филхармонијата.

И покрај наодите на истрагата, весникот „Фигаро“ објави дека настанот бил одобрен на највисоко ниво и дека функционер на министерството за правда потпишал снимка од картингот.

Претседателот Емануел Макрон го поздрави планот на министерот да постави нови правила за настаните за рехабилитација и рече дека „министерот за правда е во право што нè потсетува што треба и што не треба да правиме“.

„Затворската казна има значење во општеството, не е исто што и исклучување од се, туку има за цел да овозможи рехабилитација“, рече Макрон.

Слични содржини