Атанасовски: Ако Мицкоски не ги признае делата на својот предходник и понатаму ќе биде обвинуван дека е ,,продолжена рака на Груевски”

од Берта Китинска
354 прегледи

Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков изразија жалење за одлуката на САД да ги стави на листата на санкционирани лица на кои им забранет влез во земјата, како и на нивните семејства.

Министерството за финансии на САД на 11 април објави дека Груевски и Мијалков се ставени на листата на санкции поради корупција, во која се вклучени вкупно седум лица од Западен Балкан. Тројца од нив се и на списокот на американскиот Стејт департмент со кој им е забранет влез во САД.

Според аналитичарот Благојче Атанасовски по руската воена агресија во Украина оваа одлука на САД покажува дека нема да има толеранција кон високите балкански функционери кои, декларативно ќе зборуваат едно, а во реалноста ќе прават друго .

-Eдноставно, директно укажување кон двајцата поранешни најмоќни функционери во Македонија во кои беше сконцентрирана целокупната апсолутна власт во времето на нивното владеење, дека нема да толерираат нивно враќање (номинално или реално) на власт под претекст дека ќе бидат продолжена рака на унгарско-српско-руските интереси во Македонија. Или уште повеќе, од проста причина што после руската воена агресија во Украина, САД нема да толерираат високи балкански функционери кои, декларативно ќе зборуваат едно ( дека се прозападни политичари), а во реалноста ќе прават друго ( ќе создаваат бизнис, економски, воено-разузнавачки) релации со архинепријателите на САД (Русија) и нејзините подружници во поширокиот регион( Виктор Орбан и Александар Вучиќ), појаснува Атанасовски вели за „Локално“.

Според него војната во Украина, ќе создаде нов биполарен свет, ново распределување на сферите на интерес и сите земји во светот, за жал или за среќа, ќе мораaт да се подвојат по принципот,, или си со нас-или против нас”.

-Особено европските, особено членките на НАТО. Фактички нема да се остави простор, да има земја која е членка на алијансата и претендент за член во Унијата, а да има влада која ќе кокетира со режимот на Путин и неговите екстензии тука на Балканот, но и во Централна Европа, подвелкува тој.

Атанасовски смета дека САД со оваа порака јасно покажува дека доколку паријата на Мицкоски сака да дојде на власт, мора вистински, реално, не само декларативно и реторички да се определат за САД и нивните сојузници, односно како што вели тој да се напушти политиката на кокетирање со разни Орбановци, Ердогановци и српски Александровци.

-Светот драматично пред нашите очи се менува, и сите кои сакаат да го фатат својот чекор со новото време, мора да се сообразат со новонастанатите геополитички контексти. Ќе видиме како лидерот и раководството на опозицијата ќе го сфати, прифати и примени на практика овој директен,, указ” на високата американска дипломатија, вели аналитичарот.

За тоа дали ова ќе има некаков ефект врз гласачите во земјава, со оглед на се поголемото „вртење“ кон Истокот, што може да се забележи и по коментарите за инвазијата на Русија на Украина и нејзиното оправдување, Атанасовски смета дека тие гласачи кои се против западните алијанси (НАТО и ЕУ), уште повеќе ќе ги утврдат своите ставови дека посочените две лица на црната листа на САД (Никола Груевски и Сашо Мијалков), работеле исклучиво и само за интересите на Македонија и ова дополнително може да им ги зацврсти позициите кај тоа гласачко тело.

-Особено на фонот на руската агресија врз Украина и украинските жители, каде што гледаме дека без никакво рационално објаснување, огромен дел од македонските граѓани (особено етичките Македонци), многу повеќе ја оправдуваат агресијата и ги бранат позициите на Владимир Путин и Русија, наместо да сочувствуваат со Украинците и трагедијата во моментов, која тие ја живеат во реалноста, појаснува тој.

Ако Мицкоски не ги признае и се огради од делата на својот предходник, според Атанасовски ќе остави простор и понатаму да биде обвинуван од владејачката партија дека е,, продолжена рака на Груевски”.

-Актуелниот политички интимус на Виктор Орбан, што во очите на Американците ќе значи,, играње на две столици”. Во моментов, САД се преокупирани со војната во Украина, но тоа не значи дека нивната надворешна дипломатија ќе дозволи инсталирање на проорбанови (проруски) балкански режими во предворјето на самата Европска унија или уште повеќе во земја полноправна членка на НАТО, смета политичкиот аналитичар.

За тоа кава порака испраќа САД до политичарите во земјава со оваа одлука, Атаносовски вели дека завршува времето на кокетирање со источните автократии, односно целосно позиционирање на западно балканските држави во НАТО И ЕУ алијансите како западни воено – безбедносни и политичко-економски чадори.

-До сега кај многу балкански власти имавме декларативна заложба за западнизација на нивните држави, но во реалноста политиките на тие балкански власти ги водеа земјите што поблиску до културолошката и политичка матрица на Русија, одошто на западните земји. Веројатно, од тука па натаму, такво толерирање од западните сојузници кон,, итрите” балкански водачи, нема да биде допуштено, подвлекува аналитичарот.

Б.М.

Слични содржини