Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во вторникот во Цетиње, по средбата со претседателот Стево Пендаровски, изјави дека секое вооружување, вклучително и тоа на Србија, е загрижувачко, бидејќи во Европа има се поголемо чувство на безбедносни закани.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавата на Србија дека ќе купи ново оружје, Ѓукановиќ нагласи дека особено загрижува фактот што земјата се вооружува од земји кои се против Европа и НАТО.
„Вооружувањето на Балканот е посебен ризик. Генерално сме загрижени поради тоа. Во овој случај, тоа е продолжена тенденција за вооружување на Србија од земји кои се појавуваат како отворени непријатели на Европа и НАТО“, рече Ѓукановиќ.
Пендаровски, пак, не ја гледа Србија како безбедносна закана за северна Македонија бидејќи, како што рече, Македонија е членка на НАТО.
„Немаме проценка дека Србија е безбедносна закана за нас“, рече тој.
По повод руската агресија врз Украина, Пендаровски посочи дека сме сведоци на ужасни злосторства и дека тоа треба да биде пресвртница во односите меѓу Европската унија и регионот.