Бангиевски: Улиците станаа загрижувачки несигурни, потпирањето само на казни или нивно заострување во мал дел ќе ги реши работите

од Берта Китинска
438 прегледи

Обвинетиот во случајот со сообраќајната несреќа кај „Сити мол“ во која беше прегазена младата Викторија од Радовиш, од Основниот Кривичен суд – Скопје беше осуден на казна затвор од три години.

Јордан Ѓоргиев возел со брзина над дозволената, не обрнал внимание на семафорот па директно удрил во девојката – објаснуваше судијата. Рече дека признанието на вина влијаело за висината на казната.

-Судските одлуки – такви какви што се сите се должни да ги почитуваат, а стои и правото на жалба, која двете страни верувам дека ќе го искористат – па да го почекаме крајниот исход на постапката, вели во разговор за „Локално“,адвокатот, Владимир Бангиевски.

Тој објаснува дека делото е несомнено тешко и дека ниедна казна спрема обвинетиот не може да биде утеха за семејството на жртвата.

-Но, судот во текот на постапката ги цени олеснителните и отежителните околности и по слободна оценка на доказите ја носи одлуката, односно пресудата. Секако дека за вакви случаи, јавноста е посебно заинтересирана, но Судот не смее да подлегнува на притисоци на јавноста и мора самостојно да ги донесува своите одлуки, во согласност со закон. Јас секогаш сум се залагал за почитување на судските одлуки – какви и да се, од причина што на тој начин се обезбедува правна сигурност и владеење на правото. Очекувам дека за овој случај ќе има жалби – па да го причекаме крајниот исход на постапката!, објаснува тој.

Адвокатот Бангиевски вели дека олеснителни околности во овој случај имало и дека судот ги ценел – еднакво со отежителните.

-Конкретни факти знаат учесниците во постапката! Оштетените секако како незадоволни, причините ги бараат во системот, но како што и претходно кажав: Судските одлуки – такви какви што се сите се должни да ги почитуваат, а стои и правото на жалба, која двете страни верувам дека ќе го искористат – па да го почекаме крајниот исход на постапката, подвлекува тој.

Бангиевски коментира дека улиците ни се загрижувачки и несигурни, а на ваквите состојби „мора да ми се стави крај!“

– На теренот на кривичното право, јас сум секогаш за превентивно дејствување, пред работите да се случат. После вакви тешки дела во сообраќајот, каде што има и жртви, било која казна е премала! Жртвите никој нема да ги врати назад, а за семејствата тоа е голема трагедија. Превентивното дејствување значи преземање на мерки, пред да се случат вакви дела од областа на сообраќајот, кои за волја на вистината ги има премногу! Улиците станаа загрижувачки несигурни и на ваквите состојби мора да му се стави крај! Потпирање само на казни или нивно поострување, сметам дека во мал дел ќе ги реши работите, ако превентивно не се работи за спречување на вакви настани, подвлекува адвокатот.

Три годишната затворска казна за возачот кој ја усмрти нивната ќерка, ги разочара родителите на Викторија. Велат, згрозени биле од одлуката на судијата Љубинка Башевска.

„Немам зборови, згрозен сум од оваа држава, од судството и затоа има толку голем процент на недоверба. Друго немам ништо, згрозени сме како фамилија со ваква пресуда. Немаме зборови, сите ќе ја напуштат оваа држава“, изјави Славчо Николов, татко на починатата Викторија Николова.

Адвокатите на семејството најавиа жалба. Сметаат дека казната е незериозна и еднаква на ослободителна пресуда.

Трагичната сообраќајната несреќа се случи на 20 јануари годинава во близина на раскрсницата кај Трговскиот центар „Сити мол“, при што животот го загуби Викторија Николова. Според пресудата, обвинетиот се движел со брзина од 67,3 километри на час, брзина поголема за 17 километри на час од предвидената.

Б.М.

Слични содржини