На 11 април американското Министерство за финансии објави листа со санкции за дела на корупција, во кој беа вклучени седум лица од Западен Балкан, a тројца од нив се и на листата на Стејт департментот, по што им е забранет влез во САД.
Освен поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот директор на ДБК, Сашо Мијалков, на листата со санкции се вклучени: oд БиХ поранешниот потпретседател на Партијата за демократска акција (СДА) и делегат во Домот на народите на БиХ, Асим Сарајлиќ, како и поранешната главна обвинителка на Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ, од Црна Гора Светозар Маровиќ поранешниот висок функционер на Демократската партија на социјалистите (ДПС) и последен претседател на Државниот сојуз на Србија и Црна Гора и од Албанија поранешниот пратеник Аќиф Ракипи и сопственикот на „Тв Ора“ Или Ндроќи.
Целиот имот и право на имот на наведените поединци и ентитети кои се наоѓаат во САД или ги поседува или контролира државјанин на САД се блокирани и мора да бидат пријавени во Министерството за финансии, односно ОФАЦ (Канцеларијата за контрола на странски средства на американскиот Стејт департмент), се вели во одлуката на американското Министерство за финансии.
За босанскиот професор и новинар Драган Бурсач, ваквата одлука на Министерството за финансии за САД е очекувана.
-Всушност, вистинското прашање е што се чекаше досега и дали руската агресија врз Украина е само повод. Или станува збор за подлабока геостратегија, која се однесува и на Западен Балкан. Во превод, Западен Балкан (досега) не беше важен за американската администрација, но руското влијание е. Ова санкционирање сака да ги дисциплинира сите останати, преку полето на корупцијата во областа на идеологијата, вели Бурсач во изјава за „Локално“.
Според него, овие санкции директно ќе ги дискредитираат и Сарајлиќ и Тадиќ.
-На некој начин тие го претставуваат „балансот“ на САД кон несрпското население во БиХ. Со еден збор, американската администрација покажува дека покрај „керберите“ на Додик, во БиХ има и други кои го поткопуваат државниот систем, појаснува новинарот.
Бурсач потврдува дека сето ова е последица на руската агресија врз Украина.
-Не велам дека американските санкции нема да бидат активирани и имплементирани на Западен Балкан, но тоа би било далеку, многу побавно, смета новинарот.
За тоа дали овие санкции можат да бидат насочени и кон унгарскиот премиер Виктор Орбан поради неговата блискост со рускиот претседател Владимир Путин, Бурсач смета дека има такви индиции, особено од страна на Брисел и Берлин, кои не се истите центри на моќ за време на владеењето на Ангела Меркел.
-Мислам дека војната во Украина многу ги отрезни. Мислам дека во тој правец ќе се движи и американската администрација, која прво ќе се обиде да го вразуми Орбан и неговите послушници, а потоа секако ќе оди со санкции и целосна дискредитација на таквиот режим што го сака Путин, заклучува новинарот.
И политичкиот аналитичар и новинар од Албанија, Ментор Назарко за „Локално“ вели ваквите санкции за личности од Западен Балкан се очекувани.
– Мислам дека оваа одлука е во линија или одраз на извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден, за ставање на сите политики или поврзување на земјите од Западен Балкан со западните политики. Со неговата наредба од минатата година се прошири опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, што опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа, Охридскиот рамковен договор, Дејтонскиот договор, Резолуцијата 1244 на ОН, заклучоците на Совет за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.Тоа е директен одраз на таа одлука, која вообичаено е контекст на сите, рече Назарко.
Според него, лицата од Албанија кои се вклучени на црната листа имаат влијание врз политичката ситуација во земјата.
-Ова вклучување е поврзано и со развојот на Албанија и важноста на интеграцијата во ЕУ и регионот. Има и други важни личности во Албанија кои можат да се вклучат на црната листа, кои имаат важни функции или поважни од позицијата на овие двајца, смета Назарко.
Политичкиот аналитичар се согласува дека времето за санкции е намерно одбрано од американската администрација.
– Да, како што многупати се повторуваше, американските власти се убедени дека големата димензија на корупцијата во регионот создава основа за влијание на трета страна во регионот. Овие одлуки се поврзани со руската инвазија во Украин, категоричен е Назарко.
Тој оценува дека поранешниот премиер Груевски на црната листа е дефинитивно највисока фигура на оваа листа.
-Со оглед на случајот со поранешниот претседател на Југославија, малку далечна е одлукава во временски поглед. Изненаден сум од неговото вклучување на црната листа или колку доцни оваа одлука. Мислам дека ова е поврзано со евентуалната негова улога во унапредувањето на реалната политичка нестабилност во Македонија. Однесувањето на неговата партија е дестабилизирачко бидејќи не гледам никакви односи со ставот на унгарскиот премиер Виктор Орбан во однос на САД или политиката на западниот блок кон Русија и Украина, потенцира Назарко.
Н.П.