Пеп Гвардиола го предводеше Манчестер Сити до полуфиналето на Лигата на шампионите, откако неговиот тим тешко го елиминираше Атлетико Мадрид со вкупен резултат 1:0. Каталонецот е првиот тренер со 9 полуфиналиња на турнирот. Тој стигна до оваа фаза од натпреварувањето со Барселона, Баерн (Минхен) и Манчестер Сити.
Второто место на престижното рангирање го делат Карло Анчелоти и Жозе Мурињо со по 8 полуфиналиња. Анчелоти досега ги водеше Јувентус, Милан и Реал Мадрид, а Мурињо зад себе има полуфинале со Порто, Челси, Интер и Реал Мадрид.
Интересно е што во овогодинешното полуфинале во Лигата на шампионите ќе се сретнат Сити на Гвардиола и Реал Мадрид на Анчелоти. Првиот меч ќе биде на стадионот „Етихад“ на 27 април, а реваншот на 4 мај на „Сантијаго Бернабеу“.
На мечот со Атлетико вчера, Гвардиола беше навредуван од навивачите на „јорганџиите“. Во последните минути од натпреварот цел стадион скандираше против менаџерот на Манчестер Сити.