Во Скопскиот регион живеат најголем број жители – 607.007 или 33,04 проценти од вкупното резидентно население, иако е најмал по површина и опфаќа само 1.812 квадратни километри или 7,3 отсто од територијата на државата. Ова е и најгусто населен регион со 334,99 жители на квадратен километар.
Скопскиот регион е единствен од сите осум статистички региони каде во последните 20 години има раст на населението, и тоа од + 4.99 проценти, како и раст на домаќинствата 15,14 проценти. Сепак просечното семејство во просек се намалило за по 0,39 членови, на 3,15, велат податоците од Пописот 2022 година.
-Општини со најмало просечно домаќинство во овој регион се Центар – 2,57, Карпош – 2,59 и Аеродром – 2,79, додека со најголеми домаќинства се Арачиново – 4,45, Сарај – 4,44 и Студеничани – 4,29.Раст во бројот на членови во домаќинството имаат само Чаир од + 0,18 и Шуто Оризари од + 0,14 члена, Сарај бележи стагнација, додека сите останати имаат пад, велат податоците.
Најголемо намалување во бројот на членови по домаќинство во последните 20 години имаат Арачиново – 0,66 и Ѓорче Петров – 0,61. Во просек за околу половина член се намалени и домаќинствата во Аеродром, Зелениково, Илинден и Студеничани. Најмало намалување во просечниот број на членови во домаќинството има во Општина Бутел – 0,25 члена.Внатрешноста на земјата забрзано се празни, додека Скопје и околните места изминативе две децении добиле нови станари.
И додека во внатрешноста на земјата се регистрирани дури 207 населени места во кои не е останат ниту еден жител, главниот град Скопје и неговата околина се полнат со нови жители.Според податоците од најновиот попис во Северна Македонија живеат 1.836.713 жители, што е намалување од 9,2 отсто, или 185.834 лица помалку во однос на последниот попис од 2002 година.