Англискиот печат остро го осуди однесувањето на фудбалерите на Атлетико Мадрид на крајот од синоќешниот натпревар со Манчестер Сити во Лигата на шампионите, кој заврши 0:0. Во последните минути од натпреварот дојде до судири на теренот, откако играчите на шпанскиот шампион беа видно нервозни во потрагата по гол. Токму нивното однесување е во фокусот на денешните наслови во спортските делови на Островот, на кои сите се прикажани фотографии од преврзаната глава на Фил Фоден и/или снимки од турканицата што продолжи во соблекувалните.
„Луди, лоши и опасни“, пишува „Мирор“, додавајќи: „Истепаните „сини“ го задржаа озлогласениот Атлетико да стигне до полуфиналето со Реал“.
„Дејли експрес“ го пофали и Сити додека го критикуваше противникот: „Сината храброст“, гласи нивниот наслов, кој е надополнет со следниов коментар: „Сити покажа самодоверба во лудата ноќ за да договори пресметка со Реал“.
„Freaks“ е насловот на „The Sun“, кој додава: „Храбриот Фил и компанијата ги исфрлија лудите“. „Гардијан“ пишува: „Сити ја задржа ладнокрвноста во котелот на Атлетико што врие“, додавајќи: „Битното реми во Мадрид го одржува сонот за тројна круна“.
„Дејли Стар“ излезе со следниов наслов: „Целосен хаос“, а напиша и: „Мадрид е луд, додека Сити си договорија (полуфинале)“.