Романија не поддржува раздвојување на Скопје и Тирана

од Берта Китинска
195 прегледи

Шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску денеска од Скопје порача дека Романија нема да поддржи раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија.

Романија е цврст поддржувач на пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Војната во Украина покажа и колку е важна европската интеграција како силен гарант за стабилноста на целиот континент. Стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија не само што е правичен, заслужен, туку во моментов претставува и потреба или неопходен чекор во насока на засилената улога на регионот во безбедносната архитектура на континентот, се согласија шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговиот романски колега Богдан Ауреску, кој е во официјална посета на земјава.

– Со Северна Македонија имаме одлични билатерални односи и сме одлични партнери во Северноатлантската алијанса. Романија е цврст поддржувач на пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Во исто време тесно работиме на комплексни прашања, дискутиравме како да се справиме со ефектите од руската инвазија врз Украина. Во тој контекст среќен сум што помогнавме за евакуација на македонски државјани од Украина преку Романија, рече Ауреску.