Петровска меѓу македонските војници во КФОР: Ставате личен печат на регионалната безбедност

од Nikola Popovski
276 прегледи

„Република Северна Македонија до пред неколку години беше држава која што бараше помош од другите. Сега ние даваме помош и тоа го правиме многу успешно. Така ќе продолжиме и во иднина, затоа што вака инвестираме и во стабилноста и во безбедноста и во регионот, во Европа и во светот, а со тоа си помагаме на самите себеси“, им порача министерката Славјанка Петровска на припадниците на контингентот од Армијата на Северна Македонија, стационирани во регионалната команда Запад на КФОР во Пеќ, со кои го помина денешното попладне.

На неформалната средба со војниците од контингентот од Северна Македонија, министерката го изрази своето лично задоволство за сите пофалби за работата на контингентот од Северна Македонија во оваа мисија.

„Овие позитивни зборови ме прават горда, а ми претставуваат и обврска како министерка за одбрана да обезбедам уште подобри услови за работа. Опрема купуваме, но најголемата инвестиција што можеме да ја направиме е во вас, во човечките ресурси“, рече министерката.

Министерката истакна дека токму со учеството во оваа мисија на Алијансата, Северна Македонија го покажува своето вистинско место во регионот, како столб на мирот и безбедноста, две нешта без кои не може да има просперитет за сите граѓани на Западниот Балкан.

Во Пеќ, министерката Петровска беше пречекана од најстариот национален претставник на македонскиот контингент, потполковникот Драган Кузмановски кој истакна дека сите припадници на Армијата се посветени во извршувањето на своите задачи и дека нивната пожртвуваност, далеку од своите семејства, придонесува за високот ниво на кредибилитет и почит кои ги ужива Армијата кај нашите НАТО сојузници.

Спремноста и способностите на припадниците на Армијата во Пеќ беа потврдени и од командантот на оваа регионална Команда, полковникот Марко Јавароне, кој посочи дека сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија стационирани во оваа команда покажале високо ниво на вештини и интероперабилност со припадниците на Армиите чии земји се членки на НАТО.

Северна Македонија веќе 15 години дава логистичка поддршка на мисијата КФОР, а од 2020 година придонесува и со свои припадници, во командата на мисијата и во Регионалната команда Запад. Во моментов, во КФОР се упатени 74 припадници на Армијата, а во тек е подготовка за испраќање на нова ротација во оваа мисија. Со Технички договор од 2020 година, логистичка поддршка за македонскиот контингент дава Република Италија. НАТО мисијата на Косово брои над 3.700 војници од 28 нации.

Слични содржини