„Има документ прифатлив за С.Македонија, се чека Бугарија да се изјасни“

од Берта Китинска
205 прегледи

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вчера информира дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија.

Османи, нагласи дека се уште не може да каже дека имаме договор меѓу двете страни по однос на еден документ што треба да биде сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Бугарија.

– Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, истакна Османи по средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој вчера беше во работна посета на земјава.

Прашан дали кочницата за решение се коалиционите партнери на бугарскиот премиер Петков, Османи рече дека не е во ред да ги коментира внатрешните динамики во Република Бугарија.

– Знам дека тие планираат решението да го поминат и во Собрание. За да се помине во Собрание се разбира дека сите коалициони партнери треба да го поддржат тоа решение. Ако тоа значи нешто, но не мислам дека е во ред јас да ги коментирам односите во Бугарија. Се надевам дека во ова време е потребно стратешко лидерство. Време е за стратешки одлуки во ЕУ, во регионот, изјави Османи.

Слични содржини