„На 15 април шест дипломати од руската амбасада во Скопје беа прогласени за „персона нон грата“. Властите на Северна Македонија продолжуваат да го следат примерот на Западот, кој е во русофобно лудило, создавајќи спирала на уништување на билатералните односи“, се вели во денешната реакција на руското МНР за протерувањето на дипломатите.
„Уште една немотивирана акција против нашите вработени неминовно ќе има долгорочни негативни последици за руско-македонската соработка. Се разбира, тоа не може да биде во интерес на народот на Северна Македонија. Одговорноста за ваквите чекори и нивното деструктивно дејство е целосно на властите во Скопје. Реакција ќе следи“, додаваат оттаму.
Вчера во просториите на Министерството за надворешни работи бил повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, на кому му била врачена дипломатска нота, со која шестмина дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се посочени како непожелни во државата или „персона нон грата“.
Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена, според македонското МНР.