СОНК останува целосно посветен на одбрана и зголемување на правата на работниците, согласно постоечките закони и колективните договори, велат од СОНК во изјава за „Локално“ во врска со тоа дали на штрајкувачите ќе им бидат исплатени платите од нивна страна како што денеска посочи министерката за труд и социјална политика Јованка Тренечвска која појасни дека според законот во оваа ситуација државата не може да и даде плати на просветарите.
-Во вакви околности, како што е Генералниот штрајк на СОНК, кој трае веќе 7 дена, СОНК нема да коментира ставови на владини претставници, коишто се насочени во правец на очаен обид да го разнишаат единството на штрајкувачите во детските градинки, основните и средните училишта, објаснуваат од СОНК.
Оттаму посочуваат дека остануваат посветени на борбата за работничките права.
Додека СОНК од една страна тврди дека штрајкот е за зачувување на достоинството на наставниците, а од друга страна одбива зголемување на платите за 10 отсто или во просек 2500 денари, наставниците, но и родителите ги поставуваат прашањата чии интереси точно брани СОНК и што прават со нивниот огромен буџет. Дали навистина нивната битка е основана или синдикалните лидери си ги штитат своите интереси?Ако се направи пресметка низ призма на парите кои завршуваат во СОНК можеби ќе стане јасно дека борбата за повисоки плати е всушност борба за поголем прилив во касата на овој синдикат. Затоа што колку повисоки плати имаат наставниците, членови на СОНК, толку повисока сума оставаат месечено како членарина.
Секој член на СОНК месечно издвојува по 0,4 отсто од платата за синдикалниот фонд. Ако просечната плата на наставниците е околу 25 илјади денари, тогаш тие 0,4 отсто се 120 денари или околу две евра месечно по член. Тоа значи дека СОНК од членство месечно инкасира по околу 56 илјади евра или над 670 илјади евра годишно, што преставува значителна сума пари. Ако се има предвид дека Владата понуди покачување за 10 отсто, тоа значи дека синдикалната сума ќе надмине 700 000 евра.
Родителите, но и наставниците кои ги плаќаат овие средства започнаа да се прашуваат каде завршуваат овие пари, а на социјалните мрежи се појави информацијата дека претседателот на СОНК, Јаким Неделков добива речиси 69 илјади денари плата од синдикатот, што двојно, па и повеќе од просечната наставничка плата.
„Локлано“ на прашањето кое го упати до СОНК за тоа дали претседателот зема 68.918 денари не доби одговор.
Со цел да ги врати на настава Владата се обиде да излезе во пресрет на штрајкот и понуди 10 отсто покачување на платите, што преточено во бројки ќе беше во просек по 2500 денари за наставник. Доколку на тоа се додаде и покачување од 21 отсто во изминатите четири години, тогаш покачувањата на платите на наставниците за време на Владата на СДСМ ќе достигне 31 отсто. Покачувања во време на светска економска, енергетска, здравствена, но и воена криза.