Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, ја призна супериорноста на Ливерпул во дербито на Енфилд. „Црвените ѓаволи“ беа поразени со 0:4 и се оддалечија од топ 4, што е нивна голема цел до крајот на сезоната.
„Мислам дека ништо поинаку немаше да се случи со друга шема за игра. Не требаше да дозволиме толку ран гол. Бевме фатени на контранапад во петтата минута и тоа однапред го одреди текот на натпреварот. До паузата игравме слабо, ја загубивме борбата и за првата и за втората топка. Постојано доцневме. Во вториот дел го заменивме Фил Џонс со Џејден Санчо. Имавме силни 25 минути во кои вршевме притисок врз противникот. Создадовме неколку позиции, но третиот гол реши се“, прокоментира Рангник.
„Секако дека сме разочарани, резултатот е понижувачки. Мора да признаеме дека Ливерпул во моментов е 6 години пред нас. Нивниот клуб се промени со доаѓањето на Јирген Клоп. Не само тимот, целиот град е на различно ниво. Мора да се стремиме кон тоа во блиска иднина“, додаде германскиот стручњак.
Јунајтед остана без победа против Ливерпул во осмиот последователен натпревар во Премиер лигата – 3 нерешени и 5 порази. Последен пат тимот од „Олд Трафорд“ победи на 10 март 2018 година со 2:1.
Поточно, избраниците на Ралф Рангник вчера упатија само два удари кон голот на Алисон и имаа поседот на топката во 28,4% од времето на игра.