Шаќири: Се надевам дека СОНК ќе има позитивна одлука за наставата – за другите работи ќе може да преговараме понатаму

од Берта Китинска
188 прегледи

Се надевам и треба да има одлука во корист на децата. И покрај нивното несогласување со ситуацијата, очекувам да има настава, а ние да продолжиме со преговорите иако не се согласуваме со одредена точка. Ако СОНК повторно одлучи (за штрајк), ние како министерство ќе ги разгледаме сите законски можности за начинот на реализација на настава. За реалната ситуација ќе се соберат податоци во текот на утрешниот ден, после вторник ќе видиме. Но, пак кажувам – се надевам дека ќе имаме позитивна одлука за наставата на децата во основните и средните училишта. За другите работи ќе може да преговараме понатаму, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири .

Апелираше до наставниците да го продолжат образовниот процес, потсетувајќи на влијанието што врз наставата го имаше КОВИД-19 и затоа што претстојат рокови, како уписите и полагањето матура. Побара и разбирање зашто, рече, се наоѓаме во една од најголемите кризи кои влијаат на државниот буџет.

Додаде дека некои од наставниците што штрајкувале, доброволно се вратиле на настава во интерес на учениците иако, рече, можеби не се задоволни од понудата на Владата.

Министерот нагласи дека покрај првото барање/заклучок – да се обезбедат средства веднаш по ребалансот на буџетот, има и втор и трет заклучок и социјалниот дијалог и соработка со СОНК ќе продолжи за други процеси и барања за образовниот систем во основно и средно образование, како што е изработка на методологија или Општ колективен договор кој секогаш ќе биде поврзан со растот на минималната плата.

Слични содржини