ССМ: На чекор сме од зголемување на платите и К-15 за јавниот сектор

од Nikola Popovski
476 прегледи

Сојузот на синдикатите на Македонија информира дека денеска ги започнале преговорите за изготвување на нов Општ колективен договор (ОКД) за сите вработени во јавниот сектор.

-ССМ како најголем и во моментов единствен репрезентативен синдикат во јавниот сектор на национално ниво заедно со Владата како социјален партнер ги започна преговорите кои се очекува да завршат набрзо. ССМ има предлог на линеарно покачување од 2.806 денари за сите вработени во јавниот сектор и предлог да го вратиме правото кое е изгубено со потпишување на ОКД за јавниот сектор во 2008 година, а тоа е правото на исплата на регрес за годишен одмор за СИТЕ вработени во јавниот сектор!, велат од ССМ.

Според синдикатите, потребен е нов ОКД поради неколку причини, како што се усогласување на платите во јавниот сектор, со минималната плата, што ќе биде солидарен пристап за сите вработени, конечно враќање на исплатата на К-15 во јавниот сектор во износ од најмалку 30% до 100 %, утврдување на методологија за пресметка на плати.

За нив охрабрува тоа што Владата има слух за сите барања, а велат дека се разгледуваат сите форми кои ќе бидат разумни за сите и нема да одат на штета на никого.

-ССМ нема да дозволи политичка манипулација на грбот на работниците, пред се во образованието и укажува дека новиот ОКД за јавен сектор ќе овозможи сите страни и да се вратат назад во регуларно работење, да ги добијат заслужените плати како и сите вработени во јавниот сектор да ја добијат потребната сигурност и заштита, стои во соопштението од ССМ.

Слични содржини