Структурата на делегацијата која дојде во Битола претставува маана. Кирил Петков е политичар од новата генерација и не робува на тие историски клишеа, меѓутоа мора да се внимава кој доаѓа со тебе или позади тебе. И на гости кога одиш, битно е кај домаќинот со кого му доаѓаш. Ако во екипата со тебе е еден Каракачанов или Захариева, кои се архитетки на овој спор и блокада, тогаш во целина целиот твој перформанс не е добар. Мислам дека добрата намера на Петков со самиот состав на делегацијата и влегувањето во објект со име на докажан фашист, неговата добра намера беше минимизирана и поткопана, вели претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Патот кон“ околу отворениот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“.
Пендаровски прашува дали е можно да се формира претпријатие за односи со јавност кое ќе се вика Јозеф Гебелс или Хитлер комерц.
-Ние мораме да погледнеме во својот двор. Овој културен дом е регистриран во 2019. Ова треба да ни биде поука да направиме список на историски личности, кои не треба да се употребуваат, освен по дома ако ти е мерак. Во многу европски земји постојат списоци со имиња на фашисти, нацисти и терористи. Не може градинка во нормална демократска земја да се вика Осама бин Ладен. Дополнително на тоа, името на клубот во Битола не е со македонска азбука. Не може да се регистрира ваква фирма, ако не е на македонски јазик. Треба да има санкции, но прво да се донесе тој Регистар за имиња, кажа претседателот.