Манчестер Јунајтед се чини дека подготвува сериозна чистка на лето. Клубот може да се раздели на 12 играчи од сегашниот состав. Половина од нив ќе заминат како слободни агенти, а другата половина ќе бидат продадени, тврди „Мирор“. Така клубот се надева дека ќе собере средства за сериозната летна селекција, која ја подготвува новиот тренер Ерик тен Хаг.
Договорите кои истекуваат ги вклучуваат Пол Погба, Немања Матиќ, Џеси Лингард, Единсон Кавани, Хуан Мата и Ли Грант. Некои од нив како Матиќ, Лингард и Мата веќе најавија дека си заминуваат од „Олд Трафорд“, а се чини дека останатите ќе ги следат и нема да добијат предлози за обновување на договорите.
Сепак, покрај нив, клубот планира да се раздели и со Маркус Рашфорд, Арон Ван-Бисака, Ерик Баји, Фил Џонс, Алекс Телеш и Ентони Марсијал. Сите тие ќе бараат купувачи, а клубот се надева дека од нивната продажба ќе инкасира околу 200 милиони фунти.
Марсијал моментално е на позајмица во Севиља, но Андалузијците не планираат да ги откупат неговите права и тој ќе се врати на „Олд Трафорд“. Затоа „црвените ѓаволи“ ќе бараат друг клуб за него. Рашфорд, пак, оваа сезона имаше многу помалку шанси и неговиот настап не беше на познатото ниво. Самиот фудбалер исто така е подготвен да ја промени средината за да ја оживее кариерата.
Во исто време, дефанзивците Џонс, Баји, Ван-Бисака и Телеш не се дел од плановите на новиот тренер Ерик тен Хаг, кој планира да направи големи промени во одбраната на тимот и да привлече неколку нови играчи за стабилизирање на перформансите.