Во рамките на акцијата за пролетно генерално чистење на општината Чаир што започна на 18 април, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија приближно 20 кубни метри несовесно одложен отпад од јавните и сообраќајните површини во оваа скопска општина.
Расчистени се две диви депонии лоцирани на улицата Архиепископ Доситеј и раскрсницата меѓу улицата Џон Кенеди и булеварот Македонско-косовска бригада.
ЈП Комунална хигиена-Скопје, велат оттаму, реализира и секојдневни активности за рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите и нивните микролокации. Од почетокот на акцијата, во специјалните садови што Претпријатието ги поставило во оваа скопска општина се одложени вкупно 60 кубни метри кабаст отпад.