Силен земјотрес синоќа ја погодил Босна и Херцеговина, а покрај останатите земји, бил почувствуван и во Македонија. Епицентарот на земјотресот со јачина од 5,7 степени бил на 15 километри североисточно од Љубиње (Босна и Херцеговина).
Граѓаните на поранешна Југославија го опишуваат земјотресот како „најсилниот што некогаш го почувствувале“, пишуваат босанските медиуми.
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, синоќа регистрирала земјотрес 296 km северозападно од Скопје кој потекнува од територијата на Република Босна и Херцеговина, 42 километри југоисточно од градот Мостар.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата земјотресот се случи во 23 часот и 07 минути со Рихтерова локална магнитуда ML5.7, а беше почувствуван од граѓаните во Скопје, Гостивар, Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.