Путин му го честиташе реизборот на Макрон: „Искрено ви посакувам успех и добро здравје“

од Vladimir Zorba
201 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му честиташе на францускиот претседател Емануел Макрон за реизборот и му посака добро здравје и „успех“ во новиот мандат, во време на силни тензии во односите меѓу двете земји, кои се поврзани со Украина.

„Искрено ви посакувам успех во вашето јавно делување, како и добро здравје“, рече Путин во телеграмата испратена до Макрон, соопшти Кремљ.

Францускиот претседател вчера беше реизбран за втор петгодишен мандат, победувајќи ја кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен во вториот круг од изборите, која претходно изјави дека сака да ги развие односите со Москва и чија партија зеде заем од 9 милиони евра во 2017 година од руски банки.

За време на предизборната кампања, Макрон ја нападна својата ривалка токму на оваа тема, обвинувајќи ја дека има благ став кон Кремљ.

Односите меѓу Франција и Русија се значително затегнати по почетокот на руската воена офанзива во Украина на 24 февруари, наведува АФП.

И покрај кризата во тие односи, Макрон разговараше со Путин неколку пати пред и по почетокот на конфликтот, неуспешно барајќи решение.