Вицепремиерот за европските прашања, Бојан Маричиќ изјави дека во друштво на претседателот на Големото народно Собрание на Турција, Мустафа Шентоп, а на покана на претседател на Управниот одбор на Меѓународниот Балкански Универзитет, Реџеп Сулејман Оздил вечерва бил гостин на ифтарска вечера.
-Ова е можност заедно да ги одбележуваме и одржуваме живи ваквите традиции, кои ги зајакнуваат нашите врски и како пријатели и како држави. Деновите на рамазански пости се потсетник дека милосрдието, почитта, солидарноста, добрината, љубовта и простувањето се вредности кои треба да ги почитуваме и кои не обединуваат и сплотуваат како народи. Само заедно, во духот на овие вредности, можеме да изградиме подобра иднина, објави Маричиќ.
Според него, градењето „едно општество“ за сите, кое ги прифаќа различностите како богатство, е концепт секој еден народ со својата култура и вера да придонесува во градењето на нашата земја и да покаже дека Северна Македонија им припаѓа на сите, дека сите заедно работиме да ја направиме уште подобро место за живеење.
-На присутните им посакав последните деновите од „султанот на сите месеци“, да ги поминат во ибадет, добри дела и мисли, а во оваа посебна ноќ – „Лејлетул кадр“, ноќта на покајувањето и простувањето, која е повредна од 1000 месеци, сите молитви им се слушнати и исполнети, објави Маричиќ.